6 причини поради кои сте несреќни

Чувствувате ли дека треба да бидете посреќни? Можеби вашиот живот однадвор изгледа прилично добро, но одвнатре чувствувате некоја празнина.
Погледнете ги овие причини зошто ништо не може да ве направи среќни, а исто така и решенијата кои ќе ви помогнат да се насочите кон радоста во животот.

– Имате нереално сфаќање за среќата –

Ако имате голем автомобил, но постојано барате некој подобар или пак сте во љубовна врска, но се фокусирате на недостатоците на другата личност, тогаш можно е да имате прифатено нечие туѓо сфаќање за тоа како треба да изгледа среќата.
Решение: Вашите идеи најверојатно доаѓаат од филмовите или од сопствената фантазија, кога замислувате како сте побогати или славни. Меѓутоа, не треба да се водите според ова и да размислувате само за пари, позиција или изглед, туку треба подетално да се запрашате себеси што е она што навистина би ве направило посреќни.

– Сѐ уште „живеете во средношколските денови“ –

Ако имате навика да се натпреварувате со соседите или чувствувате потреба да поседувате некои работи само затоа што ги имаат вашите познаници, тогаш тоа е знак дека сѐ уште размислувате како средношколци.
Природно е да сакате да се вклопите и да чувствувате дека припаѓате некаде, но ова исто така може да доведе до тоа да бидете заглавени во чувството дека сте одбиени или чувството на помала вредност, како што се случува во средношколските денови.
Решение: Обидете се да се идентификувате себеси со различни луѓе кои се поврзани со вашите цели и вашиот возрасен живот – оние кои се грижат повеќе за создавање промени, отколку за материјалните работи. Тоа ќе ви помогне да пронајдете среќа.

– Недостаток на длабоки врски –

Ако ги споделувате своите чувства и мисли со некој, на Фејсбук или на Твитер, но сепак се чувствувате некако осамено, вашата несреќа најверојатно произлегува од недостаток на вистински врски со другите. Многу луѓе се чувствуваат токму како вас, но чекаат некој друг да го направи првиот чекор.
Решение: Излезете надвор и продлабочете ги врските! Поканете ги вашите познаници на ручек или кафе и запознајте ги подобро, поставувајте прашања за тоа што тие сакаат и што им е важно во животот.
Исто така можете да излегувате во клубови или да се придружите на некои групи кои ги делат вашите интереси, како на пример посетување часови за изучување странски јазик.

– Лоши спомени од минатото –

Ако во минатото сте имале ниска самодоверба и секогаш чувствувате дека треба нешто да докажувате, тогаш тешко е да бидете среќни.
Решение: Погледнете кон минатото и обидете се да сфатите од каде доаѓа потребата за успех, а потоа променете ги своите ограничени верувања. Откако ќе прифатите дека сте доволно добри, вашата способност за среќа веднаш ќе порасне.

– Емоционален затвор –

Доколку мислите дека слабост е да барате помош, тогаш лесно можете да завршите обземени од емоции. Во таква ситуација, ништо не ќе може да биде доволно за да ве усреќи, затоа што вашиот товар е премногу тежок.
Решение: Прифатете го фактот дека кога одбивате помош, со тоа само го нарушувате своето ментално и физичко здравје. Побарајте терапевт или доверете ѝ се на некоја личност на која ѝ верувате. Кога ќе имате кој да ве поддржува, светот може да стане попријатно и побезбедно место за вас.

– Борба со зависноста –

Ако практикувате нешто премногу, без разлика дали станува збор за работата, пиењето, вежбањето, храната или нешто друго, ризикувате да развиете зависност, која ќе ве спречи да бидете вистински среќни.
Решение: Зависностите обично се заштитен механизам кој ви овозможува да го регулирате непријатното чувство, без соодветно да го третирате. Побарајте терапевт кој може да ви помогне да разберете како се појавува ова однесување и како можете да пронајдете поздрави алтернативи.