Подобрете ги овие 7 чекори и ќе успеете да бидете подобра личност

Дали знаете дека број 1 причина за неостварување на нашите цели (деловно и приватно) е немање или недостаток од одговорност?! Одговорноста е една од најважните човечки карактеристики.
Во прилог еве една листа на фактори / начини како да влијаете на  зајакнувањето на вашата одговорност:
1. Работете на вашето его
Егото во суштина е најголемата пречка ние да увидиме и прифатиме дека сме неодговорни. Тоа ќе ѝ застане на патот на нашата свесност да ги воочи нашите пропусти и слабости. Не постои полошо нешто ако ние сме убедени дека сме многу одговорни, а во реалноста да е сосем спротивно. Тоа значи дека можеби никогаш и нема да се освестиме и да направиме некаква промена за да ја развиеме нашата одговорност. Егото не постои, тоа е измислица на нашиот ум, тоа е наш создаден принцип и заклучок. Сменете ги мислите и принципот/заклучокот ќе се смени.
2. Признајте ги вашите грешки
Одговорните луѓе не се плашат и кријат да си ги признаат своите грешки. Луѓе сме и грешиме. Наместо да ги криеме работите и ставаме под черга, треба да се соочиме со нашите грешки, да си ги признаеме, да научиме од нив и да продолжиме помудри понатаму. Ако не ја признаеме грешката ем ќе изгубиме време во нејзино поправање и прикривање, ем нема да научиме од грешката (и истата грешка ќе ја направиме следниот пат). Дополнително, доколку ја прикриваме, може подоцна да ни направи уште поголем проблем.
3. Развивајте ја вашата самодисциплина
Дисциплината е карактеристика на одговорните луѓе. Дисциплина значи – поставување на цели, без разлика дали микро, мали, средни, големи и нивно остварување, без притоа да ни летне паметот на други места. Често на нашата дисциплина влијаат надворешните фактории, нè заведуваат и оттргнуваат од тековните работи. Наша задача е да не потклекнеме и да бидеме цврсти на зборот/ветувањето што си го имаме дадено себеси на другите и да ги извршиме зададените цели.  Дисциплина најдобро се учи на ситни задачи и обврски. Направете листа на мали работи што сакате да ги направите денес и бидете дисциплинирани во нивната реализација.
4. Престанете да барате изговори и да ги обвинувате другите
Изговорите се одлика на неодговорните. Наместо да се фокусирате и трошите енергија на барање на кривецот (колега, менаџер, времето, кризата, Марсовците итн.) фокусирајте се на причината и признајте си зошто не сте ја завршиле работата. Дали поради тоа што ве мрзело, не ви било предизвик, досадно ви е, сте биле уморни, сте сакале да си работите нешто поинтересно, не сте биле заинтересирани итн. Исто така, ако постојано барате кривец во некој друг, се жалите дека тие се виновни за вашите неуспеси, нема да стигнете многу далеку.
5. Развивајте ја вашата вештина за „мултитаскинг“ (работење повеќе работи одеднаш): 
Малку е контрадикторно со мојот претходен текст за „мултитаскинг“ и дека не може ефикасно и ефективно да се работат повеќе работи одеднаш. Но, со свесно развивање (вежбање) на „мултитаскингот“ го напрегаме мозокот и го тераме да мисли повеќе. Со работење неколку работи одеднаш, а со цел да ги сработиме ефикасно и квалитетно ќе мора да бидеме повеќе одговорни, фокусирани и внимателни на сите активности.
6. Помагајте им на другите
Ќе станете повеќе одговорни, бидејќи не станува збор за вас. Тука треба да мислите за другите. Нашите грешки и пропусти ќе влијаат на другите (може и фатално). Дали ви се случило да ви умре рипката бидејќи сте заборавиле да ја нахраните?! Размислувајте како вашите постапки ќе влијаат на другите. На овој начин ја развивате и вашата вештина за емпатија и ќе го направите она што многу малку луѓе го прават (ние луѓето не размислуваме како нашите постапки влијаат на другите, а во некои ситуации дури заземаме и „баш ми е гајле“ став).
7. Немојте да одложувате
Одложувањето е врвот на неодговорноста. Одговорна личност ќе ја направи работата бидејќи така рекла дека ќе направи. Секое одложување е поврзано со некоја слабост на карактерот – недисциплина, невреднување на нашиот збор, мрзеливост итн.