Како Амансио Ортега стана најбогатиот човек во светот?

Сопственикот на „Zara“, Амансио Ортега, од Бил Гејтс ја наследи титулата на најбогат човек во светот.
Според магазинот „Forbes“, Амансио кој е сопственик на шпанскиот моден бренд „Zara“, моментално е најбогатиот човек во светот. Неговото богатство изнесува 79.5 милијарди долари, а веднаш позади него се наоѓа Бил Гејтс, чие богатство изнесува 78.5 милијарди долари.
Иако станува збор за најбогатиот човек во светот, сепак јавноста не е многу запознаена со Амансио кој и ретко се појавува во медиумите.
Амансио е роден на 28 март 1936 година во Бусдонго де Арбас, во Леон во Шпанија. Неговото детство го поминал во Леон, каде го напуштил училиштето и на 14 годишна возраст се преселил во Ла Коруња каде неговиот татко работел како железничар. За брзо време пронашол работа кај локален текстилен трговец каде и самиот научил да шие облека.
Бизнис кариерата ја започнал како продавач во кројачница, а неговиот прв сериозен приватен бизнис го започнал во 1975 година, кога ја отворил неговата прва продавница „Zara“.
Денес е сопственик на компанијата „Inditex“ која е сопственик на светски познати брендови како што се „Zara“, „Pull&Bear“ и „Massimo Dutti“. Брендовите станале познати преку концептот „брза мода“, а се во состојба да дизајнираат, креираат, испорачуваат и продаваат облека во само неколку дена што им дава предност во однос на конкуренцијата во светот.
Во една прилика Амансио вели дека вистинските пари не лежат во насобирањето на облека со надеж дека за брзо време ќе се продаде, туку во тоа на клиентот да му се понуди точно она што го бара и тоа колку што е можно побрзо. Овој заклучок е формулата за успех на компанијата која од корен ја потресе индустријата за облека во светот.
Амансио не се појавува многу често во медиумите, а до 1999 година не била објавена ниту една негова фотографија во јавноста. Досега има направено интервјуа само со тројца новинари.
Познат е по тоа што живее доста едноставен живот – не сака да носи кравата и обично носи костум, односно бела кошула и сиви пантолони. Кравата носел само еднаш, на сопствената венчавка.
Станува збор за човек кој започнал од нула. И покрај тоа што создал вистинска империја, тој никогаш немал своја канцеларија, такашто вработените можат да му пристапат кога сакаат, без најава.
Според шпанските медиуми, во 2012 година донирал околу 20 милиони евра на хуманитарни организации.
Неговата компанија „Inditex“ денес е најголемиот произведител на облека во светот, работи во 80 земји и има повеќе од 6.000 продавници, и повеќе од 100.000 вработени. Годишно произведува околу 835.000 парчиња облека, и тој самиот активно учествува во производство и дизајнирање на облеката.