И добрите навики треба да се менуваат

Се наоѓаме во период од годината кога многумина од нас се обидуваат да воспостават нови добри навики на функционирање. Но, додека некои луѓе ги користат старите навики и рутинските нешта за да си заштедат време на патот кон успехот, други размислуваат да ги отфрлат сите одеднаш, смета Род Фаварон, извршен директор и претседател на компанијата за социјални медиуми „Spredfast“.
Фаварон се приклучил во „Spredfast“ во 2010 година, кога компанијата била почетнички стартап. Неколку години подоцна, сфатил дека неговите добри навики се во чекор со растежот на компанијата.
Кога компанијата е во растечка фаза, таа поседува податоци, инпут од корисниците и информации за пазарот. „Таа е зрела, па затоа ние помалку се потпираме на инстинктите“, вели Фаварон. „Мене ми беше тешко да ја прекршам навиката за пристапување смело во бизнисот; после вториот слајд од презентацијата, јас сум подготвен да донесам одлука“.
На луѓето им е заедничко да се потпираат на нивните добри навики што ги направиле успешни, вели Стjуарт Сајдл, професор за индустриска и организациона психологија на Универзитетот „New Haven“. „За жал, некои од овие навики би можеле да ви ја попречат кариерата, ако се променат околностите.“

Тоа што функционира во една средина/ситуација, можеби нема да функционира во друга 

Доколку некој се премести од секторот продажба во секторот менаџмент, на пример, навиките што му помагале во продажбата во новата средина можат да наштетат, смета Сајдл.
Енергијата насочете ја кон извлекување на најдоброто од секоја можност или секој предизвик, наместо да применувате некои стандарди кои можеби не се најдобриот пристап во секоја ситуација, додава Фаварон.

Навиките го ограничуваат потенцијалот

Добрите навики често се сметаат за силна страна, но прекумерната примена не носи никаква полза, вели Беатрис Честнат, авторката на The 9 Types of Leadership: Mastering the Art of People in the 21st Century Workplace.
„Кога ќе претераме со нашите добри навики, тие можат да станат лоши, бидејќи ние се заглавуваме правејќи исти нешта и го запираме развојот на нови навики, засновани на промена на контекстот и потребите за личен развој.“
Навиките се ригидни, што значи – антитетични на иновациите, додава Фаварон. „Не можете да се развивате или да откривате во рамки на границите. А којзнае што сe може да се постигне без ограничувања? Во ред е да го повторите тоа што сте го сториле вчера, но тоа нема повторно да биде неверојатно.“

Навиките ве држат заглавени во времето

„На претходното работно место секогаш имав бележник со себе и во него ми беше запишана целата историја на компанијата. Во ‘Spredfast’ ништо не сум прибележал“, се сеќава Фаварон.
Технологијата го менува начинот на комуникација, па потребата од пенкало и бележник денес е многу ретка. „Нови навики денес се праќање меилови, користење социјални мрежи и сл. Треба постојано да ги кршите старите навики, за да станете подобри и поефикасни.“
Вистината е дека старите методи многу ретко ја задржуваат успешноста во континуитет, вели Фаварон.