ИНТЕРВЈУ: Фатон Алиу сопственик на бутикот Авани

Интервју со млад претприемач кој има оформено бизнис во текстилната индустрија. Одлично го води веќе 4 години, а исто така е жив доказ дека со посветена работа и многу труд успехот е загарантиран. Неговото име е Фатон Алиу, сопственик на бутикот Авани кој е лоциран во градот Кичево.

BizGo: Како ја добивте вашата идеја или концепт за вашиот бизнис?

Фатон Алиу: Откако се вратив во Кичево од студиите од Скопје, забележав дека има недостаток на квалитетна и модерна облека со пристапни цени. Увидов дека во нашиот град има простор за еден таков бизнис кој на клиентите од сите возрасти ќе им понуди алтернатива во изборот на гардероба. Со тоа што потекнувам од семејство кое долги години се занимава со трговија и производство на текстилни производи, сфатив дека ги поседувам потребните знаења и логистика за да можам да бидам успешен во реализирање на оваа моја идеја. Моето искуство во работа со трговија и услуги за други компании, ме натера да сфатам дека единствен начин да ги постигнам моите лични цели за независност и креативност е да отворам свој бизнис.

BizGo: Што беше вашата мисија на самиот почеток?

Фатон Алиу: Мисијата е тесно поврзана со идентификуваниот проблем. Нашата мисија е да понудиме алтернатива на пазарот на текстилни производи во Кичево, но и пошироко во нашата земја. Покрај тоа што нудиме квалитетна и модерна облека, обувки и аксесоари по пристапна цена, ние исто така се трудиме да ги поддржиме бизнисите (нашите добавувачи) кои не се дел од големи меѓународни синџири на производители.

BizGo: Колку вработени имате?

Фатон Алиу: Во моментот во нашата компанија има 3 вработени.

BizGo: Кои услуги и производи ги нудите?

Фатон Алиу: Нудиме квалитетна и модерна гардероба за клиенти од различни возрасти, како и обувки и модни аксесоари.

BizGo: Како го рекламирате вашиот бизнис?

Фатон Алиу: Поради тоа што работиме во релативно помала средина, нашиот маркетинг е тесно поврзан со квалитетот на производите кои ги нудиме, односот кон нашите клиенти како и цените.

BizGo: Како го рекламирате вашиот производ?

Фатон Алиу: Нашите производи ги рекламираме преку добро разработена платформа на социјалните медиуми како Facebook и Instagram, од каде ги информираме нашите клиенти за разните промоции кои редовно ги организираме.

BizGo: На ​​што се должи вашиот успех?

Фатон Алиу: Нашиот успех се должи на посветеноста на менаџментот и вработените во насока на одржување на добри односи со нашите клиенти, но истовремено и редовно и брзо одговарање на потребите на пазарот.

BizGo: Дали користите услуги на професионален сметководител или адвокат?

Фатон Алиу: Во моментот нашата компанија користи услуги од професионален сметководител, а за среќа до денес сме немале потреба за услуги од адвокат 😀

BizGo: Што барате од еден вработен?

Фатон Алиу: Од вработените првенствено бараме да се посветени на воспоставување и одржување на добри односи со нашите клиенти. Најважно за нас е да тие се вклопуваат во нашата корпоративна култура!

BizGo: Што ве натера да ја изберете вашата моментална локација?

Фатон Алиу: Моменталната локација е првенствено одбрана поради интензитетот и фреквенцијата на движење на нашата целна група. Локацијата ни се наоѓа во центарот на градот, во непосредна близина на најпознатите локали во градот.

BizGo: Каков вид на корпорација е вашиот бизнис?

Фатон Алиу: Ние сме релативно мал бизнис, во форма на ДОО.

BizGo: Кои се целите на вашата компанија?

Фатон Алиу: Нашите цели се тесно поврзани со нашата мисија, односно да имаме задоволни клиенти од нашите производи и услуги. Исто така целиме кон тоа да имаме раст во следните години, како во Кичево, така и во други градови во нашата земја.

BizGo: Дали работите на локално или на национално ниво?

Фатон Алиу: Во моментов сме физички присутни во Кичево, но со помош на социјалните медиуми имаме клиенти и од другите градови во земјата.

BizGo: Што е уникатно во вашиот бизнис?

Фатон Алиу: Нашата предност пред конкуренцијата е тоа што нудиме производи кои се со висок квалитет, како и за клиенти од различни возрасти. Исто така тоа што сме редовно во контакт со нашите клиенти и се грижиме за тоа да бидат задоволни од нас и нашите производи. Додека, преку социјалните медиуми одржуваме редовен однос со нашите моментални и потенцијални купувачи.

BizGo: Кои се вашите обврски како сопственик на бизнисот?

Фатон Алиу: Како сопственик на бизнисот јас сум задолжен за секојдневното менаџирање, набавка на роба и маркетинг.

BizGo: Што ве натера да го изберете овој вид на бизнис?

Фатон Алиу: Моето досегашно искуство во трговијата ме мотивираше да го започнам овој бизнис.

BizGo: Дали вашата компанија и помага на заедницата каде што се наоѓате?

Фатон Алиу: Пред да почнеме да работиме, нашата заедница беше приморана да патува до Скопје или други градови кои нудеа избор на квалитетна гардероба. Дополнително, оваа компанија (Авани) редовно донира облека за некои загрозени семејства.

BizGo: Дали некогаш сте одбиле клиент?

Фатон Алиу: Не, тоа е спротивно нашите вредности.

BizGo: Каков совет би дале на некој кој размислува да започне сопствен бизнис?

Фатон Алиу: Мој совет е секој да размисли добро каков тип на бизнис сака и може да отвори. Исто така да ги бара начините како може да се успее, а не да размислува само на препреките кои се појавуваат на патот до успехот.


Линк до фан страната на Авани: https://www.facebook.com/BoutiqueAvani/