Која е тајната: Кралицата Елизабета и принцот Филип слават 70 години брак

Британската кралица Елизабета Втора која владее веќе 65 години, вчера одбележа 70-годишнина од бракот со принц Филип. Која е тајната за нивната долговечност?

Image result for queen elizabeth and philipКако наследничка на британскиот престол, Елизабета се омажила со морнаричкиот офицер Филип Маунтбатен во Вестминстер на 20 ноември, 1947 година, само две години по завршувањето на Втората светска војна.

Седумдесет години по раскошната кралска венчавка, Елизабета (91) и нејзиниот 96-годишен сопруг ја прославија годишнината тивко, во кругот на семејството во дворецот Виндзор, пренесуваат британските медиуми.
Како што беше најавено, нема јавно одбележување на јубилејната годишнина, освен огласувањето на камбаните на Вестминстер и објавувањето на нивните најнови портрети по повод годишнината, снимени во почетокот на ноември во замокот Виндзор.
Принцот Филип има „кралско педигре“ и без бракот со Елизабета. Неговиот дедо по таткова страна бил грчки крал, а баба му била Олга Константиновна, од руското кралско семејство Романов. Принц Филип е роден на Крф, 1921 година, но неговото семејство било протерано од Грција кога тој бил дете и се преселиле во Велика Британија.
Тој е најстабилната потпора на Елизабета во нејзиното 65-годишно владеење, најдолго во британската историја.
Токму тој ѝ ја соопштил веста за смртта на татко ѝ во 1952 година и дека станала кралица.
„Една од тајните на овој многу, многу долг брак е фактот дека Филип секогаш сметал дека главна должност му е да ја поддржува кралицата, да ѝ помогне како може и како умее“, вели кралскиот историчар Хуго Викерс.
„Тој е единствената личност која може да ѝ каже на кралицата директно што мисли и тоа со речник што самиот ќе го избере.“
Елизабета и Филип прв пат се сретнале на венчавката на неговата роднина, грчката принцеза Марина, и вујкото на Елизабета, војводата од Кент. Идната кралица тогаш уште била девојче.
Години подоцна почнале интензивно да се дружат, а свршувачката ја објавиле во јули, 1947 година.
Четири месеци подоцна била венчавката, а имајќи предвид дека Британија се кревала на нозе од војната, раскошната свадба била во драстична спротивност на тогашното британско секојдневие што го одбележувале сиромаштија и редовно снемување на основни продукти од продавниците.
Венчавката на нејзиниот внук Вилијам со Кејт Мидлтон во 2011 година ја следеа 2 милијарди луѓе преку ТВ-пренос, а нејзината венчавка со Филип само 200 милиони радиослушатели, а дел од свеченоста била снимена на црнобел филм.
Иако, како и сите брачни двојки, имале свои подеми и падови, Елизабета и Филип успеале да избегнат неприлики како оние што резултираа со развод кај три од нивните четири деца.
Најпознат од овие разводи, секако беше оној меѓу принцот Чарлс и принцезата Дијана.
„Тој беше мојата сила и мојата потпора во сите овие години“, рече кралицата Елизабета во една од ретките прилики кога зборуваше јавно за принцот Филип, по повод 50-годишнината од нивниот брак.
Принцот Филип, кој во изминативе години има нарушено здравје, во август се повлече од сите јавни должности.
„Без него, кралицата би имала тежок и осамен живот. Тој беше нејзината карпа од моментот кога таа се качи на престолот“, вели Клаудија Џозеф, биографка на кралското семејство.