МАЖИ-ЖЕНИ: Кој е подобар во бизнисот?

Жените можат истовремено да пишуваат мејл и да зборуваат на телефон, мажите не можат. Жените се повеќе склони кон зборување, мажите знаат и да “се исклучат” од состанокот. Мажите повеќе сакаат да се натпреваруваат, а жените се посклони кон тимски дух. Чии перформанси се подобри за во светот на бизнисот?

Во книгата “Лидерството и половите: Користење на науката за половите за успешен бизнис”, Мајкл Гуриан и Барбара Анис го пренесуваат своето искуство со цел читателите да решат кој е подобар во бизнис- светот, мажите или жените. Сепак, излегува дека не станува збор за подобар или полош, туку едноставно половите разлики си го прават своето. “Мислам дека ние успеавме да докажеме во последниве 20 години дека не постои супериорност или инфериорност по ова прашање”, вели Гуриан, коавтор на книгата, а воедно и автор на бестселерот “Чудата на момците”.
Книгата “Лидерството и половите”  е комбинација на употребата на неврологијата во науката за разликите помеѓу половите од страна на Гуриан, и долгогодишните истражувања на Анис на најдобрите интернационални компании. Анис наведува во книгата примери од реалниот живот. “За секунда заборавете деке луѓето се индивидуи и набљудувајте ги само како машки и женски на работно место”. Според оваа книга, мажите се понаклонети да “се исклучуваат” за време на состаноците, бидејќи нивниот мозок многу полесно влегува во “зона на одморање “. На истиот тој состанок, жените може да скокаат од тема на тема, враќајќи се повторно на главната поента, затоа што тие се родени “мултитаскери”. Доколку вашиот шеф е жена, треба да бидете потрпелив бидејќи таа ќе сака повеќе да зборува и повеќе да анализира. На прашањето колку се навистина различни жените и мажите во бизнисот и дали едниот пол има предиспозиции за подобар бизнис лидер, авторката Анис одговора:
“Не се работи за подобар. Мислам дека она што го докажавме изминативе 20 години е дека нема супериорност или инфериорност. Се работи за разлики. Кога тестиравме мажи и жени низ целиот свет, за тоа каква е способноста за препознавање изрази на нечие лице, жените имаат подобри резултати. А, ова е всушност преговарачка алатка. Имаше пример во една компанија каде што двајца машки менаџери преговараа со потенцијален клиент и мислеа дека го убедиле, затоа што му ги презентирале сите податоци, но нивната колешка менаџер им рече дека не е доволно и дека на преговарачите од другата страна, инаку финансиски менаџери, им требаат повеќе податоци. Колегите не ја послушаа, но таа ги читаше изразите на лицето што тие не можеа. Не & поверуваа и ја загубија зделката”. Во продолжение следат десетина ситуации каде што се забележуваат најочигледнаите разлики помеѓу машкото и женското однесување во бизнисот.
1. Мажите се “понемирни”.
Мозокот на мажите почесто влегува во т.н “зона на одмор”. Токму поради тоа тие многу често себе си се држат будни преку разни гестови како на пример, штракање со  пенкалото, удирање со стапалата на подот, или гледање наоколу. Еве еден совет за жените (но и за мажите) кои водат состанок, а сакаат да бидат слушнати и сфатени сериозно. Авторите на книгата сугерираат дека треба да користите повеќе зборови кои за таргет имаат еден специфичен резултат и помалку реченици кои имаат нагорен (прашален) нагласок. Прашувајте што мислат вашите колеги, а не што чувствуваат.
2.  Жените се повеќе склони кон “мултитаскинг”.
Мозокот на мажите не е толку добро програмиран за “мултитаскинг” како оној на жените, па оттаму тие се помалку способни за извршување на неколку задачи во исто време. Мажите многу често се фрустрираат кога некој води паралелен разговор, бидејќи сметаат дека тоа покажува незаинтересираност. Кога не можете да ги победите, тогаш придружете им се. Наместо да ги претворите сите мажи во Наполеон (кој бил познат токму по тоа што можел истовремено да извршува неколку умствени работи), авторите на книгата препорачуваат жените да поврзат колку што можат поголем дел од разговорите кон стратешките приоритети на компанијата. Користете помалку зборови, и само оние кои се потребни, при што ќе ги обезбедите само најесенцијалните информации. Навраќајте се во неврзаните разговори на главните поенти од состанокот. Објавете агенда пред секој состанок.
3. Мажите  често се исклучуваат со мислите.
Поради тоа што машкиот мозок процесира отприлика двојно помалку зборови во споредба со женскиот, мажите многу почесто можат да се исклучат со мислите доколку дискусијата на состанокот стане предолга или со премногу зборување. Ова може  да изгледа дека конкретниот маж воопшто не е заинтересиран за разговорот. Ова може да ги натера мажите да потклекнат кон странични ситни разговори, и да ја нарушуваат дисциплината на состанокот. Токму затоа хуморот и опуштената атмосфера која им дозволува на луѓето да бидат помалку стегнати за време на состанокот, е нешто што е неопходно за секоја компанија.
4.  Мажите повеќе сакаат да се натпреваруваат.
Кога состаноците ќе станат стресни, нивото на тестостеронот кај мажите расте, што кај нив го потикнува натпреварувачкиот дух и агресивноста и ги тера на подлабоки расправии. Речиси е невозможно да се утврди со голема точност како хемикалиите кои се лачат во мозокот влијаат на нашето однесување. Ефектот од мозочните хемикалии можеби е лесно предвидлив кај детската социјализација, но не и кај бизнис- состаноците, бидејќи голем дел од однесувањето е биолошки вродено и многу несвесно. Авторите препорачуваат дека оние луѓе кои се познати како авторитативни и агресивни, треба да поработат на слушањето на туѓото мислење и да се обидат да се стават себе си во “туѓа кожа”. На овие луѓе им се препорачува да си ги повторуваат во себе главните поенти од состаноците и да не го потценуваат туѓото мислење.
5. Жените можат да “скокаат” од тема на тема
Со оглед на тоа што женскиот мозок е конструиран да може да прима вкрстени  информации и од  двете хемисфери, тие се поспособни да “скокаат” од една тема кон друга, кои на мажите им изгледаат неповрзани, но сепак во дадена точка се поврзани. Ова потекнува оттаму што жените секогаш имаат агенда и знаат како да се држат до неа. Кога дискусијата талка од една кон друга поента, мажите ја прекинуваат со барање кое во исто време ласка и критикува. Жените на тоа ќе поминат најдобро доколку речат: “Тоа е интересна мисла, но најдобро е да се концентрираме на поставената задача “.
6. Жените сакаат да бидат сослушани.
Со оглед на тоа што женскиот мозок е предодреден да биде помалку наптреварувачки агресивен, и повеќе насочен кон зајакнување на меѓусебната потпора и зависност помеѓу членовите на тимот, голем дел од жените ќе се почуствуваат потценети доколку нивните ставови не се соодветно сослушани. Авторите во книгата сугерираат дека срамежливите луѓе треба да бидат повеќе сослушани, нивниот талент треба да биде повнимателно изваден на површина.
7. Жените полесно создаваат пријателства.
Кога состанокот ќе стане стресен, нивото на  окситоцин (хормон на љубовта) кај жените расте и ги тера на создавање на попријателска атмосфера поткрепена со социјална кохезија. Ова ја намалува нивната наметливост и ги става  во “зона на одмор”. Доколку лидерите ова не го знаат, тие можат да ги поткопаат идеите на нивните женски колеги, а компанијата ќе остане без потенцијално брилијантни идеи. Токму затоа, авторите на книгата препорачуваат за време на состаноците да создадете атмосфера која не смее во никој случај да потсетува на училница или факултетски амфитеатар.
8. И мажите и жените сакаат контрола.
Со оглед на тоа што жените се генерално повнимателни за време на работниот процес, лидерот стои пред предизвикот да одржува ритам за време на состанокот кој ќе дозволи да се одвива адекватна дискусија и состанок кој тече без проблеми. Мал натпревар помеѓу менаџерите е добар за здрава конкуренција, но премногу натпреварување може да биде болно, особено во случајот кога не станува збор за натпреварување на основа на идеи, туку на основа на лични карактери. Состанокот треба да се води на начин што ќе обезбди кооперација помеѓу различните карактери на учесниците, и тогаш кога нивните идеи и ставови се дијаметрално спротивставени.