Интересни факти што можеби не ги знаете за Никола Тесла

Еден од најпознатите научници во историјата, Никола Тесла е роден на денешен ден во 1856 година. Тој е најпознат по својот придонес за струјата што денеска се користи низ светот, а покрај големите откритија што ги направил, починал сиромашен во 1943 година.

Прочитајте неколку интересни факти од IFLScience што можеби не сте ги знаеле за еден од најпознатите светски научници.
1. Тесла бил екологист
Тесла бил загрижен за тоа дека човештвото брзо ќе ги потроши ресурсите на Земјата и бил поборник за обновливи ресурси. Истражувал методи што би овозможиле користење на природна енергија од земјата и небото, за да се намали користењето на фосилните горива.
2. Тесла бил роден за време на бура со грмотевици
Интересно е што Тесла бил роден за време на силна бура со многу грмотевици. Поради лошите временски услови, жената што ја пораѓала неговата мајка сметала дека тој ќе биде „дете на темината“. Сепак, мајката се спротивставила и одговорила дека тој ќе биде дете на светлината.
3. Тесла бил хуманист
Научникот верувал дека треба да се подобри квалитетот на човеквиот живот, но не заради финансиска придобивка. Тоа е една од причините поради кои работел на проект за бесплатна енергија за сите, а подоцна тоа било и една од причините што починал сиромашен.
4. Тесла размислувал за безичниот интернет во 1901 година
Генијалниот изумител имал одлична имагинација, но не ги реализирал сите свои проекти и замисли. Додека работел на трансатлантското радио, замислувал систем кој може да собира информации, да ги енкодира и да ги праќа до уреди кои би можеле да се држат во рака – нешто слично на интернетот што денеска се користи на мобилните уреди.
5. Тесла имал неверојатна меморија
Со неговата меморија тој можел да се сети на цели книги или пак на слики во секој детал. Според некои податоци тој никогаш не ги цртал проектите, туку ги изработувал изумите според она како ќе ги замислел без потреба од скици.
6. Американската влада има тајни документи за него
Кога Тесла починал, американската влада го конфискувала целиот негов имот. Дел од нив подоцна биле вратени на фамилијата, а дел се поклонети на Тесла музејот во Белград. Иако починал пред многу време, американската влада се уште има тајни документи за него што не ги објавува.
7. Едисон и Тесла не биле смртни непријатели
Овие двајца научници соработувале на директната струја пред Тесла да се откаже од таа идеја за да развива својата замисла за наизменична струја. Можеби подобар опис на нивниот однос би бил дека биле бизнис ривали.