Привлечноста се крие во позитивниот дух

Ако некогаш сте се запрашале каде се крие тајната на привлечноста, одговорот го даваат научниците кои открија дека разиграноста може да биде еволуциски трик за привлекување партнери.
Имено, научниците испитуваа зошто возрасните луѓе во текот на животот продолжуваат со играта и забавувањето, додека останатите возрасни цицачи престануваат со таквото однесување уште во адолесценцијата.
Причината се крие во фактот според кој веселото и позитивно однесување го привлекува спротивниот пол. Кај мажите, ова однесување е знак дека не се агресивни, додека кај жените е знак на младешки дух и плодност.
Исто како што птиците ги покажуваат своите пердуви и бои, мажите знаат да привлечат жена фалејќи се со брендирана облека или скапи автомобили. Во истиот дух, разиграноста кај мажите им покажува на жените дека тој не е агресивен и дека нема да го повреди нивното евентуално потомство.
Професорот Гери Чик и неговиот тим од Универзитетот Мисисипи, своето истражување го основале на листа од 13 можни карактеристики кои поединците ги бараат кај своите потенцијални партнери.
На листа додале нови особини: разиграност, смисла за хумор и забава. Од 16 точки, смислата за хумор, забавата и разиграноста се наоѓале на второ, трето и четврто место меѓу карактеристиките кои жените ги бараат кај мажите.
Од друга страна пак, според мажите, физичкиот изглед, здравјето и добрите гени се показател за плодноста кај жената. Изгледа дека на жените им е многу важно потенцијалниот партнер за посериозна врска да има добра смисла за хумор и да биде забавен.
Овие резултати покажуваат дека разиграноста може да биде критериум при избор на партнерот, но и позитивна особина за сериозна врска.