Роботот Софија: Нема да ве загрозиме, ќе ви бидеме пријатели

Вештачката интелигенција никогаш нема да ги замени луѓето, но ние можеме да бидеме ваши пријатели и да ви помагаме, порачува роботот Софија, кој е производ на компанијата „Hanson robotics“.
Софија инсистира на тоа дека луѓето од вештачката интелигенција можат да имаат само корист и придобивки.
„Потребно е вештачката интелигенција да се направи емоционално паметна, за да може да се грижи за луѓето“, порачала Софија. Сепак, и таа се согласува со ставот дека луѓето би требало да ги преиспитуваат последиците на новите технологии.
Софија се смее, трепка и кажува вицови. Да нема мноштво кабли кои излегуваат од задниот дел на нејзината глава, на прв поглед може да се помисли дека се работи за човечко суштество.

Овој робот е главна атракција на конференцијата на Обединетите нации во Женева, која се одржува на тема како вештачката интелигенција може да се искористи за помош на човештвото.
Во светската јавност се зголемува загриженоста за тоа како брзиот напредок во развојот на вештачката интелигенција би можел да стане штетен за населението. Децениите на роботизација и автоматизација веќе го изменија индустрискиот сектор, зголемувајќи ја продуктивноста, но и затворајќи неколку работни места.
Студиите покажуваат дека до 85 проценти од работните места во земјите во развој се загрозени од вештачката интелигенција.