Бендот на Тоше: Чест ни е што бевме избрани од легендата

Како и да се викале некогаш, четворката Трајче Симоновски- Таци, Златко Михајловски – Бумбар, Предраг Икономовски и Драган Ѓуровски – Роки, од 16 октомври 2007 година ќе бидат познати како бендот на Тоше. Тоа се луѓето со кои Тоше Проески, во последните пет – шест години ја градеше својата легенда на концертите и живите настапи, со кои делеше деноноќија по патишта, со кои двапати го помина светот… Дел од бендот, (Таци и Бумбар) првиот настап со Тоше го имале, 1998, или 1997 година на “Златна Бубамара на популарноста”, кога Тоше беше еден од многуте деца што го бараат своето место под сонцето на македонската естрада. Од албумот “Ако ме погледнеш во очи”, овој состав полни пет- шест години беше константната ударна музичка поддршка на живите настапи на Тоше. Всушност, од почетокот на првата македонска турнеја, од големиот концерт на Скопскиот саем, на крајот од 2001 година, започнуваат нивните биографии да се преплетуваат со создавањето на легендата.
Растење, созревање…
– Ние имаме сосема друга перспектива на тоа што се случуваше со Тоше и околу Тоше, бидејќи свириме и за време на концертите, всушност, концентрацијата ни беше работна. Добро, се забележуваат реакциите на публиката и атмосферата, но ја немавме вистинската слика од страна на публиката. А деновиве, кога се репризираат концертите од почетокот на кариерата на Тоше, па до последниот, навистина се гледа каков фантастичен музички напредок има. Уште на тие, првите концерти се гледа дека Тоше беше неверојатен талент, но она што го правеше поинаков е трпението што го имаше кон другите- пред се’ со публиката, обожавателите, соработниците… Колку што траеше концертот, уште толку време потоа минуваше со обожавателите, делеше автограми, некој збор муабет… Уште од раните денови умееше да се носи со тоа. Едноставно природно му доаѓаше… Ниту еднаш да се изнервира, за секого да има време за некој збор, да му даде поттик. А во последно време бевме сведоци дека ја достигнува славата на вистинска интернационална ѕвезда. Кога имаше концерт надвор од Македонија, мораше да оди неколку дена пред концертот за да го заврши оној – медиумскиот дел од обврските – интервјуа, фотографирања, промоции…
Нервоза, замор, желба за повеќе време…
– Тоше, во принцип не правеше нешто што тој самиот не го сакаше. Не, дека не сакаше да има повеќе време за приватен живот, но беше свесен дека се’ што прави е дел од работата што ја избрал и навистина искрено ја сакаше и беше среќен што ја работи. Беше свесен дека таа индустрија на ѕвезди бара да бидеш секаде присутен. Во такво едно темпо неприродно би било да не почувствуваш напор и замор, но Тоше максимално ја сакаше музиката и компензацијата од сите придружни работи ја наоѓаше во живите настапи, во концертите. Знаеше понекогаш да се пожали на заморот, што е нормално, човек беше. Но, секогаш даваше сто отсто од себе, максимално се вложуваше во се’ што работеше. И само така може да се објасни сето она што го постигна и што на негова возраст успеа да остави седум албуми зад себе. Кога ќе излезеше пред 20.000- 30.000 публика ни покажуваше зошто некои работи вредат да се работат и да се совладаат секаков напор, замор и евентуална нервоза. Тогаш и ние чувствувавме дека срцето му доаѓа на место. Никогаш не се ставаше над публиката, туку како да се трудеше да им ја исполни секоја нивна желба и да може да се подели на толку луѓе колку што ги има пред себе. Дури и ние некогаш се обидувавме да го тргнеме на страна веднаш по концертот, а тој велеше: “Уште малку, луѓево ме бараат!”
Концерти
– На концертите се губеше чувството за време. Дури некогаш имавме “поплаки” дека концертите предолго траат. Но, кога ќе тргнеше Тоше да пее некако незабележително заборававме на времето и концертите траеја минимум по два и пол часа. На последниот концерт надминавме и три часа. А на сцена тоа не се чувствува, се’ си тече спонтано. Некое време Лилја ќе почнеше да дава сигнали да кратиме, а Тоше само молежливо ќе вратеше – “уште една, па уште една песна”. Секогаш започнувавме со утврдена плеј – листа, но до неа се придржувавме до првите три – четири песни. Потоа, кога ќе го понесеше публиката, Тоше “забораваше” на планот и се трудеше да удоволи на желбите на публиката. Често знаеше да не’ изненади со некоја песна, која одамна не сме ја свиреле ( од неговиот репертоар), но и со некоја што нему му се допаѓа. Така, на последниов концерт, песната од “Металика” , до пред концертот никому не му падна на памет дека тој може да се сети да ја изведе. Веруваме, дека дури ни нему. И само ни рече: “Ја знаете, нели?” Ни даде интонација и почнавме да го следиме. Редовно имаше моменти на импровизација, кога тој едноставно ќе почнеше да пее, а нам ни остануваше да се “снаоѓаме”. Но, тоа беше неговиот концепт – спонтаноста и желбата да им угоди на другите. На почетокот ние имавме поинаков концепт – се’ да биде до совршенство извежбано и плански. Но, набргу се покажа дека тоа не му одговара на Тоше. Токму поради таа комуникација што ја имаше со публиката и неговата желба да даде се’ од себе, ние со текот на времето станавме подготвени на се’, на секакви импровизации. Некогаш, ние ќе ја завршиме песната, а Тоше продолжува да пее со публиката, и едноставно мораш да реагираш. Како што минуваше времето, веќе станавме уиграни и се разбиравме и со едноставни сигнали, па и во спонтаноста веќе бевме извежбани.
Она што требаше да се случи
– Што се однесува до растежот на Тоше, како музичар, во последно време веќе се чувствуваше дека е искусен и зрел професионалец. Ако на почетокот беше дете со талент, едно од многуте што сакаат и умеат да пеат, со текот на годините тој постојано растеше, учеше и се надградуваше. И во последните мигови ( за кој никој не ни помислуваше дека се тоа), веќе беше во вистинска топ – форма – искусен, сигурен во себе, зрел… Дури и презрел за своите години! Зад себе имаше евровизиско искуство, полни сали и стадиони, совршена концертна кондиција… Последниот албум беше прифатен насекаде каде што се појави… Веќе беше дојден до онаа професионална зрелост да работи со Никша Братош, кој е најдобриот продуцент на балканскиве простори. Соработуваше со Лондонската филхармонија, што е недостижна работа, за многу поголеми ѕвезди во светот на музиката… Ноември и декември, до Нова година, беа исполнети со термини за настапи и ќе беше напорно- но Тоше го сакаше тоа. Во јануари – мала пауза, па потоа требаше да одиме да свириме во Америка и планирана беше европска промоција на последниот албум. Па, се работеше на албумот на англиски јазик… Се’ беше подготвено и договорено и работите требаше само да течат. Најдобрите денови требаше да дојдат!
Тоше пленуваше на прво слушање
– Професионалците во музиката, стручњаците…беше доволно еднаш да го слушнат како пее и безрезервно знаеја дека на Тоше му следуваше европска и светска кариера. Имаше една ситуација- требаше да снима песна со Лондонската филхармонија, а Тоше имаше обичај да си го загрева гласот со пеење оперски арии. И додека музичарите (сите светска класа) на Лондонската филхармонија очекуваа да си “одработат“ некоја поп- песничка, се појави Тоше и во еден здив си отпејува некоја оперска арија. Луѓето останаа занемени и му дарија искрен и спонтан аплауз пред да започнат со снимањето на песната што требаше само да ја “одработат“.
Ние, едноставно знаевме дека тоа требаше да се случи. Зашто се’ што ќе ни кажеше како план и желба дека треба да се случи, се’ се исполнуваше како што беше предвидено. Ние ја започнавме нашата соработка како некои професионалци, кои ќе ја следат македонската ѕвезда, но станавме другари, кои минувавме 24 часа во денот. Двапати го поминавме светот заедно, делевме се’ на тие патишта. На турнејата во Шведска- за Тоше и за Љиља беа обезбедени, луксузни лимузини, како што и прилега на една ѕвезда од негов ранг – но тие секогаш одбираа да патуваат со нас во комби. Беше едноставен и скромен! Со Тоше едноставно не можеше да се гради дистанца – приоѓаше уште од првпат- насмеан , ведар и дури и да сакаш да воспоставиш дистанца, тоа беше невозможно. Особено што имаше периоди кога постојано бевме заедно. Дури и во некои нервозни ситуации што доаѓаат со работата, во недоразбирања што излегуваат при некои технички договори во орагзнизацијата…Тоше никогаш не го повиши гласот. Секогаш тој беше смирувачкиот фактор во стилот – “Полека, се’ ќе биде. Ќе видите дека супер ќе излезе“. Всушност, Тоше каков што беше во јавноста, беше и во приватните контакти. Немаше две лица кај него! И колку и да се обидуваа да пронајдат некој трач за него, тој едноставно не даваше повод за такво нешто. Кога ќе разбереше такво нешто ( а секако дека ги перципираше тие работи), реакцијата му беше добродушна дистанца, со разбирање за “авторите“, но секогаш над таквите муабети.
Неверица дека Тоше веќе го нема
– Во студио ја преслушавме снимката од последниот концерт на Градскиот стадион во Скопје. Го снимавме, но онака- неофицијално, за интерна употреба, со скромен број канали, колку да имаме некаков запис. И сега, по оваа трагедија на Тоше, излегува дека тој концерт е важен и дека ќе треба да се издаде. Но, муабетот ми е- го слушаме Тоше пее, во своето најдобро издание и расположение и добиваме некој условен рефлекс да му се јавиме – да му дадеме да слушне. Некако се’ уште не допира до потстевста дека Тоше веќе го нема. Таа потсвесна неверица е силна и не остава да прифатиме дека Тоше си замина од нашиов свет. Ги разбираме луѓето дека се тажни и гневни на судбината што така неправедно и ненадејно го зеде Тоше и би сакале да замолиме да не се измачуваат со прашањата барајќи виновник. Со Тоше, во автомобилот беа луѓе кои својот живот си го посветија и подредија на кариерата на Тоше и ним им е најтешко, можеби колку на семејството на Тоше. Одговорот нема да се пронајде, зашто луѓето имаат одговор само на логичните нешта ! Загубата на Тоше е надвор од секаква логика. Бевме и во Крушево на погребот и цело време молчевме. Од моментот кога разбравме за трагедијата ние во бендот речиси цело време сме заедно и два- три дена меѓу себе речиси не сме ни проговориле. Молчиме! Што и да си кажеме, се чини како да е невистинито, нереално! А дури кога медиумите ќе ја побараат нашата приказна за Тоше, допира до нас дека сме работеле со легенда, а сепак беше нормално, талентирано и вредно момче, кое неизмерно го сакаше она што го работеше. И над се’, беше добар човек, воспитана и хумана личност, што не’ прави горди и почестени дека сме работеле со најдобриот музичар од Македонија. Имавме луда среќа, чест и привилегија – што ние бевме бендот на Тоше и нас не’ избра покрај толку музичари од целиот Балкан, кои би сакале да свират со Тоше Проески.