Уште колку време имаме за губење?

Дали некогаш сте се запрашале како го трошите или користите времето во животот? Колку време ви одзема одредена работа или активност? Има толку многу задачи и работи што го одвлекуваат вниманието и времето си поминува без да забележиме. Конечниот број на часови во еден ден е 24. Животот исто така е конечен, околу 78 години во просек живее еден човек. Најголем дел од денот ни одземаат рутинските задачи и работи што на другите им се важни.

Според истражувањето на „Фан енд фаундерс“, за време на просечниот животен век од 78 години, во спиење ни минуваат околу 28,3 години или една третина од животот. Домашните обврски и средувањето на домот одземаат шест години од животот.

– Луѓето шест години ги поминуваат несреќно, чистејќи подови, миејќи садови, бришејќи прашина. Доколку ги избегнете овие работи, ќе спасите шест години од вашиот живот – велат истражувачите.

Додека дотерувањето, негата за себе, третманот да изгледате претставително, ќе ве чинат две и пол години од животот. Звучи неверојатно и исцрпувачки, но тоа е вистината. Времето поминато во тоа што да јадете, што да изберете за пиење и слично ќе ви одземе четири години од целиот живот.

– Луѓето поминуваат девет години во забава или анимирање на себеси. Седењето и правењето нешто како што е гледање телевизија, играње видеоигри, дремење на социјалните мрежи и слично троши околу девет години од вашиот живот.

Малку е тешко да се процени, но голем дел од животот посветуваме во грижа за другите. Особено доколку имате деца или лице од семејството за кое се грижите, тоа може да се пресмета и како работа со полно работно време – велат од истражувачкиот тим.

Кога вака ќе се пресметаат работите, всушност ни остануваат само девет години да ги посветиме за нас, нашите интереси и цели, се тврди во истражувањето на „Фан енд фаундерс“. Тие сметаат дека кога луѓето би знаеле на што сѐ им минува времето, би го трошеле попродуктивно.

– Доколку сте претприемач, правете работи што сите луѓе ќе ги сакаат – велат од „Фан енд фаундерс“.