Интелигентните луѓе помалку го користат мозокот

Но, повеќе е подобро, не? Колку поголем мозок – толку попаметен вид. Поголеми мозоци – повисока интелигенција. Изгледа дека е многу покомплицирано од тоа.

Поголемите мозоци навистина се поврзуваат со повисоката интелигенција, но интелигентните луѓе, впрочем, можеби користат помалку делови од своите мозоци.

Рекс Е. Џунг од Универзитетот во Ново Мексико и Ричард Хајер од „Ирвин“ биле меѓу првите истражувачи кои ја истражувале интелигенцијата користејќи најмодерна технологија за сликање на мозокот.

Во еден експеримент, учесниците решавале тестови за интелигенција додека биле снимани со технологијата ПЕТ. Било откриено дека луѓето кои добиле подобри резултати на тестовите имале помала мозочна активност, односно користеле помалку енергија во мозокот за решавање на тестот.

Во друго истражување, истите научници ја користеле технологијата за да ја набљудуваат работата на мозокот кај луѓе додека играле „Тетрис“ за првпат во животот, а потоа и по 50-дневно вежбање. По вежбањето, активноста на мозокот се намалила, но кај поинтелигентните луѓе намалувањето на активноста било поголемо.

На прв поглед, овие откритија изгледаат како оксиморон – зарем не би требало мозоците на попаметните да прават повеќе врски, а со тоа и да покажуваат поголема активност во текот на размислувањето?

Истражувачите претпоставуваат дека поинтелигентните мозоци се само поефикасни. Тие прават подобри нервни врски и ги прават побрзо, со што се добиваат повеќе точни одговори на тестовите.