Ниче: Како да се пронајдете себе си, и за вистинските вредности на образованието

Фридрих Ниче верувал дека прифаќањето на тешкотиите е есенцијално за исполнување на животот, сметајќи дека самоспознавањето е еден од најважните егзистенцијални проблеми. Тој апострофирал како ние се пронаоѓаме самите себе и како ги презентираме сопствените таленти во својот одличен есеј под наслов „Шопенхауер како воспитувач“:
„Секое човечко битие кое не сака да биде дел од масите единствено треба да престане да си ги олеснува работите. Треба само да ја следи својата свест, која го повикува: Биди тоа што си! Сето она што сега го правиш, го мислиш, го сакаш, сето тоа не си ти.“
„Не постои начин да ѝ се помогне на која било душа да ја достигне среќата, сè додека е заробена во оковите на јавното мислење и на стравот.“
„Колку безнадежен и бесмислен може да стане животот без ослободување од тие окови. Не постои потажно и помрачно суштество во природата од човекот кој бега од сопствениот гениј…“
„Постои  една единствена патека на светот која никој не може да ја помине, освен ти. Каде води таа?! Не прашувај, тргни по неа!“
„Патот по кој се спознаваш себеси, не е лесен: Како може човек да се познава самиот себе?  Тоа е мачен, опасен потфат да проникнеш самиот во себе: да се спуштиш директно и одлучно по тунелите на сопственото битие…“
„За најважната потрага, сепак постои метод. Секој нека го разгледа сопствениот живот, од аспект на следново прашање: Што вистински си сакал досега? Што е тоа што ја воздигнувало твојата душа, што е она што доминирало во тебе, а истовремено ти носело радост? Подреди ги пред себе овие вредни работи и можеби тие ќе ти го откријат законот на нивната природа и поредок;  тоа е основниот закон на твоето вистинско себство.“
„Спореди ги овие работи, гледај како се надополнуваат, се зголемуваат, се надминуваат, се преобразуваат една во друга; како чинат скалила по кои си се искачувал кон себе досега; твоето вистинско себство не е закопано длабоко во тебе, туку повеќе е издигнато неизмерно над тебе, или барем над она кое е твое прибежиште во настојувањето да бидеш она што си.“
„Твоите вистински воспитувачи и ментори ќе ти ја откријат вистинската смисла и основната градба на твоето битие; … но тие не можат да одат понатаму, да бидат твои ослободители.“
„И тоа е тајната на секоја култура: … таа ослободува, го вади плевелот, ги отстранува камчињата, ги растерува штетниците кои ги нагризуваат корените…“
„Можеби постојат начини за себепронаоѓање, како да се будиш од анестезија во која вообичаено си се криел како во темен облак – но јас не знам подобар од оној кој го рефлектираат воспитувачите и менторите.“